Охрид, 13. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Светата Православна Црква денот по Петровден му го посветилана Светителот Апостол Павле – Павловден.
Апостолот Павле во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење.
Претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден. На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и сл. иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.
Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.
Денешниот празник Павловден е селска слава во Врбјани, на која се чекаат гости, а голем број на иселеници доѓаат токму на овој ден во родниот крај. (Крај)
извор: МПЦ/ОхридПрес фото: архива