Охрид, 31. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Свети Атанасиј, роден во Александрија, во 296 година.
На денешен ден се празнува пренесувањето на неговите мошти, како и чудата што се случуваа над нив, а неговиот посебен празник е на 18-ти јануари (според стариот календар), а 31-ви јануари по новиот.
Уште како мал покажувал голема љубов за Христа. Бил многу близок со тогашниот епископ на Александрија светиот Александар. По смртта на Свети Александар бил избран за епископ на истата катедра. Многу претрпел од тогашните еретици, аријанците, а Господ му дал долг и плоден живот.
Учествувал на Првиот вселенски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против ариевската ерес и биле содржани во заклучоците од Собирот, на кој биле осудени еретикот Ариј и неговите приврзаници. Со тоа си го навлекол врз себе гневот на ариевците кои често го клеветеле кај царот. Но со својот углед и христијанскиот начин на живеење свети Атанасиј секогаш успевал да се одбрани од овие клевети. Веднаш по Првиот вселенски собир на 8 јули 326 година на барање на народот од страна на епископите бил поставен за архиепископ на александриската црква каде што останал долго време.
По поразот на Никејскиот собор ариевците се обиделе да се вратат во црквите. Тие издејствувале од царот да се заложи кај архиепископот Атанасиј да биде повлечена анатемата, но тој тоа не го дозволувал. Најпрвин ја одбил сугестијата на цар Костадин да биде потолерантен кон ариевците, а потоа ја одбил и наредбата на царот, еретикот Арие да го врати во црквата. Поради тоа бил наклеветен како бунтовник и бил протеран во Галија. Тогаш царот инсистирал кај цариградскиот архиепископ Александар да го врати Арие во црквата по што овој цела ноќ се молел на Бога да не дозволи црквата да биде испоганета. Утрото кога Арие тргнал да влезе во црквата следен од своите многубројни приврзаници почувствувал болки и веднаш умрел на патот.
Уште четири пати свети Атанасиј бил протеруван во прогонство, за време на Констанциј синот на Константин, за време на царот Јулијан Отстапник и за време на царот Валент. Сиве овие владетели им биле наклонети на Ариевците. Така свети Атанасиј во прогонство минал цели дваесет години.
Се упокоил во 373 година. (Крај)
извор: МПЦ-ОА фото: архива