Кратово, 24. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Светиот маченик Георгиј Кратовски е македонски православен светител, со потекло од Кратово.
Тој маченички пострадал за Христовата вера во осумнаесеттата година од својот живот во почетокот на 16 век.
Во градот Кратово на крајот од 15 и почетокот на 16 век, живееле две побожни души, маш и жена: Димитриј и Цара. Тие биле здрави, вредни, штедливи и сиромашни, но задоволни со тоа што го имале, а во домот биле весели а во друштвото почитувани. Имале една лична желба која им недостасувала, а која длабоко ја носеле во своето срце и за тоа на Бога Му се молеле. Тоа било желба и молитва Господ да им дарува пород. И таа желба им ја исполнил Бог. Во 1497 година им се родило машко дете, на кое му го дале името Георгиј.
Кога малиот Георгиј навлегол во шестата година, родителите го дале на училиште. Во тоа време училиштата работеле и во црквите и манастирите. Кога Георгиј го добил потребното образование, неговиот татко го дал на златарски занает, како би можел самиот да си заработува за живот.
Георгиј заминал од Кратово во Софија и таму се настанил кај отец Петар, учен и побожен свештеник, каде уште повеќе ја запознал својата вера, утврдувајќи се во љубовта Христова. Но и таму, младиот Георгиј, многу брзо паднал во очи на мухамеданците, кои сакале ова прекрасно момче да го потурчат. За таа цел избрале еден учен учител да води разговор со Георгиј, да го превоспита, убеди и доброволно да го прими исламот.
Лукавиот законик дошол кај Георгиј, божем да порача нешто од занаетот, меѓутоа, неговата намера била сосема друга. Почнал да го убедува да го остави Христа и да помине во исламот, а за возврат ќе се ожени со ќерката на агата, првиот човек на градот, ќе добие и големи богатства и почести, отколку да се измачува со занаетот. Георгиј на сето тоа му заблагодарил и го прашал: “Дали земната слава е вечна?” Учениот законик одговорил: “Се разбира, сѐ што е земно е пропадливо и времено, но Мухамед има ветено рајски задоволства на оние кои ги исполнуваат неговите заповеди”.
Светиот маченик Георгиј Кратовски пострадал од мухамеданците. Во Софија бил запален.
Георгиј бил цврст и верен во својата прадедовска вера: “Јас еднаш изјавив дека никогаш нема да се откажам од својата вера”. Потоа го соблекле оставајќи му само кошула и ѕверски го фрлиле во пламените јазици. Повторно го извадиле од огнот и пак го прашале: – Како ти е Георгиј, дали чувствуваш горештини? – Тој им одговорил: “Ништо не чувствувам, верувајте ми, но за вас несреќници готов е вечниот оган!” Побеснети од ваквиот одговор, повторно го фрлиле во огнот. Неговото лице било свтрено кон исток, конците со кои биле врзани неговите раце прегореле, маченикот се прекрстил и тивко во молитва рекол: “Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предавам својот дух!”
Еден од присутните со дрво го удрил по главата, и маченикот го испуштил својот дух. Веднаш потоа, иако времето било сончево, наеднаш се појавил облак и изобилел дожд. Христијаните го праславиле Бога и се помолиле да им се предаде телото на маченикот. – Не надевајте се, одговориле Турците, телото ќе го изгориме и во прашина ќе го разнесеме. И исполнети со злоба, покрај маченичкото тело, во оганот фрлиле и животински тела, како не би ги распознале коските на светителот. Моѓутоа, животните изгореле, а телото на страдалникот останало цело. Христијаните, за да ја осуетат намерата на мачителите, си заминале по своите домови, а вечерта тајно ги земале коските на маченикот, прво во еден дом, потоа ги пренеле во соборниот храм “Свети Георгиј”. Утредента, свештеникот Петар се појавил кај судијата за информација дека телото на свети Георгиј го нашол во храмот и побарал дозвола за да го погребат согласно со христијанските обичаи.
Судијата признал дека, сепак, Свети Георгиј Кратовски е светител. Тие штом го чувале неговото тело сведочеле дека, иако нагрлал дрва во огнот, неговото тело останало цело. Судијата дал дозвола телото да се погребе. Светиот маченик пострадал на 18 години во недела месопусна, 11 февруари 1515 година за време на царот Селим. (Крај)
извор: МПЦ фото: архива