Струмица, 11. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во времето на владеењето на царот Јулијан Отстапник, кога христијаните биле прогонувани, Тимотеј, Комасиј, Евсевиј и Теодор ја напуштиле Никеја и се населиле во Солун.
Потоа го оставиле Солун и се преселиле во Тивериопол, денешна Струмица. Тимотеј станал епископ на тивериополската Црква. Комасиј се откажал од војничкиот чин и се замонашил проповедајќи го словото на Вистината во тивериополските села. Евсевиј исто така бил монах којшто луѓето најмногу ги привлекувал со своите добри дела. Теодор, епископ, бил еден од триста и осумнаесете богоносни Отци кои учествувале на Соборот во Никеја. Кон овие четворица притекнале и Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор кои што биле презвитери, Василиј и Тома коишто биле ѓакони, Еротеј, Даниил и Харитон коишто биле монаси и Сократ кој порано бил војник, но се откажал од сѐ и станал дел од овој добар лик на Отците.
И тие, кога се собрале сите заедно, воделе вистински ангелски живот просветлувајќи ги жителите на Тивериопол со светлината на познанието. Кога за ова дознал царот Јулијан испратил луѓе во Тивериопол со заповед тамошните жители да се откажат од Христа и да им се поклонат на идолите. Најпрвин пред царските пратеници биле повикани овие петнаесет свети мажи. Но, бидејќи тие не сакале да им принесат жртва на демоните и на нивните идоли веднаш биле осудени на смрт и посечени со меч. Кога Светиите го завршиле својот благочестив живот нивните чесни тела многу денови стоеле зафрлени бесчесно за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици. Но, Господ ги запазил недопрени и неповредени така што оние што ги гледале го прославувале Христа Бога.
Подоцна некои христијани се собрале и ги подигнале со почести чесните тела на Мачениците, ги завиткале во чисти плаштаници и откако ги извршиле сите служби, ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на којшто било напишано името на секого од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа. И по смртта, Мачениците чинеле големи чудеса не само на месните жители туку и надвор од границите на Тивериопол, така што мнозина од Елините познавајќи ја Вистината пристапувале кон верата Христова и се крштевале. На тој начин ниту во Тивериопол, ниту во околината не останал ниту еден безбожник. А верата се беше распространила и во останатите западни краишта така што Тивериопол станал како некоја кула од секаде видлива, којашто ја раздавала и на другите градови светлината на верата и ги враќала од мракот на заблудата оние што се наоѓале во длабокото море на неверието.
Светите Петнаесет Тивериополски свшетеномаченици и денес се почитуваат како покровители и заштитници на градот Струмица. (Крај)
извор: МПЦ-ОА фото: архива