Охрид, 28. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против Хепатитис, а според податоците на охридскиот Центар за јавно здравје годинава во Охрид немало регистрирано лица заразени со овој вирус.
Во текот на минатата година пак, биле евидентирани два случаи на хепатит Б и еден случај на лице заразено со хепатит Ц.
По повод Светскиот ден за борба против Хепатитис, здружението на граѓани „Опција“ Охрид и оваа година ќе го одбележи денот со низа активности на кои акцент ќе се стави на превенција од вирусот. Активностите ќе бидат насочени кон целна група, а ќе се одвиваат во двата дневни центри на „Опција“.
– Планирани се едукативни работилници каде што учесниците ќе се запознаат подетално како се пренесува вирусот како да се заштитат и информации за терапијата и лекување на Хепатитис. Исто така планирани се и едукативни видеа, бесплатни и анонимни тестови, каде што статусот за Хепатитис Ц се дознава за 10 минути. Секој кој е заинтересиран за било каква информација поврзана со вирусот, но и тестирање за истиот може да се обрати во просториите на ЗГ „Опција“ Охрид, рече Бети Калајџиевска – Стојкоска, од „Опција“
Нивни тимови еднаш месечно во соработка со „Хера“ Скопје и Центар за јавно здравје Охрид, врши тестови за Хепатитис Ц на лица корисници на дрога и сексуални работници.
– За изминатава 2016 година и 2017 година откриени се 2 нови случаеви на вирусоносители.Тие се соодветно проследени до медицинска установа за понатамошен третман, подвлече Калајџиевска – Стојкоска.
Инаку Хепатитис Ц е вирусно заболување кој го напаѓа црниот дроб. Во просек, околу еден на секои 100 луѓе е носител на вирусот. Може да се пренесе преку контакт со крв и крвни продукти: заразени игли и шприцеви, пирсинг, тетоважа, незаштитен сексуален однос, од мајка на дете за време на породување, хемодијализа, хемофилија и слично.
Најголем дел од лицата вирусоносители немаат тегоби и се чувствуваат здрави. Најчести симптоми се изнемоштеност, депресија, гадење, губење на апетит, болки во стомак и под десен ребрен лак, болки во зглобови и мускул, жолта боја на кожата и очните белки. Доволна е една капка крв за да се открие вирусот на Хепатитис Ц. Постои терапија за лекување на вирусот преку Pegazis третман.
Во светот има излезено нова терапија Harvoni која има 98% на излеченост – но во нашиот здравствен систем се уште не се користи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива