News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 14, 2024

Охрид, 14. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот ден, 14-ти ноември се одбележува како Светски ден на дијабетесот. Одбележувањето започна во 1991 година од страна на Интернационалната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација како одговор на зголемената загриженост од ескалацијата и заканата по здравјето што ја предизвикува дијабетесот.

Светскиот ден на дијабетисот стана официјален ден на Обединетите нации во 2006 година со усвојувањето на Резолуцијата 61/225 на Обединетите нации и се одбележува секоја година на 14-ти ноември, роденденот на Сер Фредерик Бантинг, кој ко-открил инсулин со Чарлс Бест во 1922 година.

Светскиот ден на дијабетесот е најголемата кампања за подигнување на свеста за дијабетес во светот која достигнува глобална публика од над 1 милијарда луѓе во повеќе од 160 земји. Кампањата привлекува внимание на прашања од најголема важност за светот на дијабетесот и го одржува дијабетесот цврсто во центарот на вниманието на јавноста и во политиката.

Дијабетесот е една од најчестите болести на современото општество. Во светски рамки се смета дека има над 200 милиони луѓе со дијабетес, а според Меѓународната дијабетолошка федерација, овој број ќе достигне 350 милиони до 2025 година. И во Република Македонија дијабетесот е многу често заболување од кое страдаат околу 120.000 лица.

Што е дијабетес и зошто се појавува?

Дијабетесот е хронично заболување кое се карактеризира со зголемени вредности на шеќер (гликоза) во крвта. Нивото на гликоза во крвта е контролирано од инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот. Задача на инсулинот е да помага во придвижувањето на гликозата од крвта во клетките, каде се разложува и се добива енергија.

Луѓето кои страдаат од дијабетес, независно од кој тип, имаат покачени вредности на гликоза затоа што нивниот организам не може да ја пренесе гликозата во клетките. Причини за тоа може да бидат:

– Недоволна продукција на инсулин од страна на панкреасот;
– Нарушена реакција на клетките кон инсулин;
– И двете причини истовремено.

Типови на дијабетес

Постојат три главни типа на дијабетес:

Дијабетес тип 1 (инсулинозависен дијабетес). Станува збор за автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се јавува во која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или млади луѓе. Кај овој тип дијабетес панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин.

Дијабетес тип 2 (инсулинонезависен дијабетес). Оваа е најчеста форма на дијабетес. Претежно ги афектира возрасните, но во последните години се јавува и кај тинејџерите и младите лица поради прекумерно зголемување на телесната тежина. Кај овој тип на дијабетес, панкреасот најчесто создава инсулин, но или таа количина не е доволна за потребите на организмот или клетките се резистентни на инсулинот.

Гестациски дијабетес. Гестацискиот дијабетес се карактеризира со високо ниво на гликоза во крвта и се јавува во кој било период од бременоста кај жени кои дотогаш не страдале од дијабетес. Оваа состојба мора да се контролира бидејќи може да влијае врз нормалниот раст и развој на бебето. Околу 2-4% од трудниците се засегнати од гестациски дијабетес. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука