мај 3, 2017

Охрид, 3. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, и годинава традиционално се одбележува на глобално ниво, а посветен е на слободата на информирање и глобалното право да се биде информиран.

Без локалните медиуми од Охрид и без залагањата на новинарите, остварувањето на интересите на заедницата и граѓаните ќе бидат невозможни.

Татјана Маленкова, главен и одговорен уредник на регионалната телевизија О2, смета дека вистинската демократија не може постои без слободата на медиумите.

tanjamalenkova2

– Слободен, да бидеш независен во својата работа, е од суштинско значење за секој. Без слобода во медиумите не може да се има ниту транспарентност, ни борба против корупцијата, ни политичка контрола, ни слобода на донесување одлуки. Кај нас, за жал, слободата на медиумите, паѓа на пониско ниво, сé повеќе новинари се инволвирани каде не им е местото од една страна, а од друга страна доколку си ја работат својата работа како што треба, а тоа е да се информира. За жал има примери каде што наши колеги се уценувани. Работата на новинарот била, и ќе биде да го пренесе ставот на другиот, но и секоја информација да се провери од три извори, истакнува Маленкова.

Според охридскиот новинар Веле Митаноски, Интернетот, комерцијализацијата и други фактори, влијаат на тоа дека ретко во денешно време се среќава истражувачка сторија или репортажа по медиумите.

velemitanoski

– Има една стара флоскула, уште од мојата новинарска младост, а се употребува и денес, која гласи: „Новинска вест не е кога куче касне човек, туку кога човек касни куче”!? Мислата, често, дури и од наши колеги кои би требало да се поинформирани, најчесто, му ја припишуваат на нашиот славен колега, британскиот премиер и еден од најголемите мислители, Винстон Черчил. Но, тоа не е точно. Мислата навистина доага од Островот, но е „сопственост” на Лордот Нортклоф, кој, до првата светска војна, бил сопственик на најмногу весници во тоа време, со денешен јазик – медиумски магнат, или могул! За мене, оваа мисла не била никогаш водилка. Јас секогаш сум бил трагач, свесен за опасностите на кои сум се изложувал и себе си и семејството. Пред се, во смисла на егзистенција. Можеби затоа, сум променил десетина работни средини. Во современото новинарство, особено кај нас, за жал, мноштвото новинари работаат според мислата на Нортклоф. Особено, откако влеговме во виртуелниот свет на Интернетот. Никој не истражува, никој не пишува стории, жанрот – репортажа, за која цар беше (Бог да му душа прости), таткото на Борјан Јовановски, веќе не постои. Комерцијализацијата, неукоста, партиската послушност и слуганството, го направија своето. Никој не пишува ништо освен за „каснатото куче од човек!”.Ако напишете колумна, нека биде вистински есеј, лајковите ќе изостанат! Но, ако напишете нешто од Црната хроника-со илјадници! Кога последен пат сте прочитале за некој научен зафат, за некој подвиг и напредок, макар тоа бил и академик од МАНУ. Тоа го нема, нема ништо, се разбира, освен “кучето каснато од човек”, изјавува Митаноски.

Услов за развој на демократски процеси е токму степенот на отвореноста на медиумите. Секојдневно остварувајќи контакти со граѓаните, медиумите непосредно работат на решавање на нивните проблеми. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука