јуни 17, 2018

Охрид, 17. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Охрид свечено ќе биде отворен 51-от Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, како и 45-та Меѓународна научна конференција, во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Овие две меѓународни манифестации имаат голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет.

– На Меѓународниот семинар досега учествувале над 4.300 учесници од над 50 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик низ лекторатите во светот. Семинарот својата стручно-научна дејност на подрачјето на македонистиката ја започнал скромно, а до денес непрекинато се развива и израсна во афирмирана наставна, научна и културна институција единствена од ваков вид во Македонија и стана ценет славистички центар, велат од скопскиот универзитет.

Манифестациите ќе се одржуваат во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Охрид, а ќе траат до 1-ви јули. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука