Белчишта, 1. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во галериските простории во селото Белчишта, синоќа беше свечено отворено новото, јубилејно издание на Интернационалната Уметничка колонија „Дебрца“.
Станува збор за најмасовната културна манифестација во општина Дебрца која постои веќе полни 35 години.
Програмата започна во 20:00 часот во салата на ОУ „Дебрца“ во селото Белчишта со поетско читање на проф. д-р Мито Спасеноски. За историјатот на колонијата зборуваше Ѓорѓи Целески, по што поздравен говор имаше и претседателот на ликовната колонија Зоран Јолески.
Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески ја прогласи за отворена колонијата, по што се доделија плакетите за посебен придонес и афирмација на Ликовната колонија од страна на претседателот на УО Зоран Јолески. Програмата опфати и поетско читање на почесниот Конзул на Монголија во Македонија Литов Намдаг Јанчивин и посета на галериската поставка во зградата на ликовната колонија во селото Белчишта.
На колонијата учествуваат 12-15 учесници кои творат на територијата на Дебрца. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива