февруари 15, 2015

Охрид, 15. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Новата театарска сезона во Охрид започнува денес со премиерното прикажување на претставата „Свињарот“ според текст од Ханс Кристијан Андерсен, а во режија на Ѓорѓи Ризески.

Претставата е наменета за деца и младинци. Премиерата  на овој нов 45-минутен театарски производ е закажана за денеска, со почеток во 12:00 часот. Во неа играат новопримените актери во Народниот театар во Охрид, Филип Кипровски, Елизабета Стефановска, но и Сашо Ристовски и Билјана Билаловиќ.

Според режисерот Ризески, станува збор за љубовта , која како што рече, не кореспондира исто во светот на бајките и во светот на реалноста.

– Ова ќе биде едукативна претстава за децата и младите која ќе им даде до знаење каква е всушност љубовта во светот на возрасните, дека за да се случи, таа треба да биде возвратена од двете страни. Имаме еден принц кој со најсилна љубов и најискрени чувства тргнува во соседното царство за да ја запроси принцезата. Сите очекуваме да случи еден хепиенд, но принцезата е свртена кон материјалните работи, и не завршуваат на крајот двајцата заедно, вели Ризески.

Средствата коишто ќе се соберат од продадените билети, Народниот театар ќе ги донира за потребите на населението кое настрада во поплавените региони во Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука