Струга, 15. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид и полициската станица во Струга преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на сторителот на казненото дело „убиство“, извршено вчера во 16:30 часот во ресторантот „Аква блу“ во Струга, при што од здобиени повреди од огнострелно оружје, во општата болница во Струга почина 55-годишниот Дилавер Бојку од струшкото село Велешта.
Тој на хируршкото одделение бил донесен во бесвесна состојба каде од страна на медицинска екипа укажана е лекарска помош и по неуспешна реанимација, констатирана е смрт настаната од огнострелно оружје.
На местото на настанот извршен е криминалистичко-технички увид предводен од Јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Струга во содејство со полициски екипи. Притоа, констатирано е дека казненото дело е сторено на терасата од ресторантот „Аква блу“ каде седел сега починатиот Бојку.
Во негова непосредна близина се приближило засега непознато машко лице кое, во правец на главата му вперил пиштол и испукал еден проектил нанесувајќи му огнострелни повреди во пределот на темпоралната регија од левата и десната страна. Потоа, засега непознатиот сторител со трчање го напуштил ресторантот бегајќи кон улица „Партизанска“.
Со цел да го фатат и задржат сторителот, по него се упатиле две лица, но истите се откажале од намерата откако засега непознатиот сторител и кон нив испукал два проектили.
По наредба на Јавен обвинител, врз телото на сега починатиот ќе биде извршена обдукција. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива