Скопје/Охрид, 14. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Зголемен е бројот на лица каснати од кучиња скитници, од општините тврдат дека секојдневно се заловуваат, мал број од општините имаат прифатилишта за бездомните кучиња, а се повеќе граѓаните на социјалните мрежи споделуваат фотографии и видеа од глутници кучиња скитници.
Сепак, во локалните самоуправи се прават напори да се справат со бездомните кучиња, иако, како што информираат надлежните служби, кучињата се носат од еден во друг град. За третирањето на кучињата со стерилизација и други постапки, главно, се соработува со ветеринарните ординации и преку тендери, додека сосема е мал бројот на градови кои имаат специјализирани јавни претријатија или служби за оваа намена кои постојано тоа го работат, анализира МИА во резимето за состојбата со бездомните кучиња во општините, откако нивните дописници побараа одговори од локалните самоуправи на прашањето како градовите се справуваат со оваа сериозна проблематика.
Во целата држава само Скопје, Струмица и Прилеп имаат специјализирано јавно претријатие или комунална служба, кои 24/7 и во текот на целата година работат со заловување, третирање, како и нивно привремено задржување во прифатилиште пред вдомување или враќање на локација.
Долгогодишниот проблем со кучињата скитници во Охрид, до изградба на стационар за хуман третман, од минатата година се решава со заловување, кастрирање, вакцинирање и чипирање, по што ќе бидат повторно вратени на заловеното подрачје. Активностите ги изведува ветеринарна амбуланта за хуман третман на кучињата скитници од Демир Хисар, која во соработка со Јавното претпријатие и граѓанските здруженија за заштита на животните од градот, ги заловува кучињата и ги третира. Сашо Најдески, директорот на ЈП „Охридски комуналец“ за МИА изјави дека за соодветен хуман третман на кучињата претпријатието минатата година од буџетот на Општината добило 500 илјади денари, што е доволно за третман на некаде 80 до 90 животни.
Општина Струга, пак, во соработка со овластена ветеринарна клиника во февруари почна со заловување и третман на кучињата скитници во градот, а презентираше и проект за изградба на стационар за хуман третман на кучињата, за чија реализација побара помош од државата и меѓународни фондови. Според статистиката на СВР Охрид, минатата 2022 година имало двојно повеќе пријави во однос на претходната.
– Од почетокот на оваа година до сега регистрирани се вкупно 25 пријави од лица каснати од куче скитник, информира за МИА портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
OhridPress веќе подолг период наназад ја следи оваа тема, која претставува сериозен проблем за граѓаните. Бездомните животни се појавуваат во поголеми групи, а во последно време од наши читатели има пријави за поголеми групи кучиња на потегот кај „Инекс“, на патот помеѓу хотелите „Горица 1“ и „Горица 2“. (Крај)
извор: МИА фото: ОхридПрес