јуни 3, 2017

Охрид, 3. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денеска го одбележуваат празникот Св. Константин и Елена.

Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена, за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера.

Именден празнуваат: Костадин, Костадинка, Кочо, Елена, Ленка…

Во првите три века христијанството било жестоко прогонувано, но сепак, бројот на неговите приврзаници постојано се зголемувал. Во четвртиот век за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан прогоните биле најжестоки. Биле уривани христијанските храмови, биле палени христијанските книги, а христијаните биле подложувани на најжестоки измачувања. Дури за време на Констанциј Флор, таткото на Константин односот кон христијаните омекнал.

Марко Цепенков забележал дека во Прилеп св. Константин и Елена биле покровители на базриѓанскиот (трговскиот) еснаф. Нивниот празник кој го викале „Свети цареи“ го празнувале на 21 мај (стар стил).
Под манастирот Свети Наум Охридски – Чудотворец, до самото езеро, има извор со лековита вода. Според верувањето оваа вода секогаш е лековита, но најмногу на празникот Св. Константин и Елена.
Според едно предание Свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот свети Константин и Елена под карпата каде што течела вода и да ја измие девојката. Така направил и таа веднаш оздравела, и пораснала убава и густа коса.
– Од тогаш на празникот на свети Елена и Костадин редовно идат луѓе да се мијат со водата од изворчето под карпите на манастирот Свети Наум. Таа вода е лекојта и друг пат, ама на празникот најмногу, забележал Цепенков. (Крај)

извор: МПЦ/МИА   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука