Охрид, 24. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – По објавувањето на скандалозните информации за прислушувањето, местењето судии и судски одлуки и изживувањето во монтирани политички процеси од страна на власта, ВМРО-ДПМНЕ панично и очајно се обидува да го оттргне вниманието на граѓаните од „Вистината за Македонија“, велат од Општинската организација на СДСМ во Охрид.
Во соопштението што денеска го испрати охридскиот разгранок на СДСМ до медиумите се вели дека „општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ деновиве тргнаа во бескрупулозна битка за освојување на интернет сферата и социјалните мрежи, злоупотребувајќи ги вработените во државните и општинските институции, но и учениците во училиштата“.
– Во Охрид е издадена наредба до директорите на јавните претпријатија, училиштата, градинката, болниците и други државни и општински институции, вработените и ангажираните во овие институции, на своите фејсбук профили масовно да споделуваат вести за афирмација и величење на владини проекти. Истовремено, партиските активисти од ВМРО-ДПМНЕ имаат задача да ја следат активноста на социјалните мрежи на сите оние кои чекаат решение за вработување, а се со договор на дело, како и на оние кои чекаат повик за работа. Притоа, се користат лажни Фејсбук профили и се дистрибуираат тези за црна кампања против опозицијата, стои во соопштението.
Оттаму велат дека на вработените во градинката, преку закани, уцени и заплашување, им се воведувале дежурства за да ги користат своите Фејсбук профили во партиски цели.
– Ова посебно се однесува на вработените што чекаат решавање на својот работен статус, па се приморани да извршуваат вакви непрофесионални, неетички и недостоинствени активности. Истовремено, партиски активисти во ВМРО-ДПМНЕ, што се вработени во градинката, им ги бројат објавените вести и „лајковите“ на своите колешки и ги следат нивните интернет-активности. Тоа истото се случува и во училиштата во Охрид. На тој начин, човечкото достоинство на голем дел од наставничкиот кадар е срозано до најниско ниво. Во некои средни училишта се одело до таму, што за истите цели се злоупотребуваат ученици. Одреден број од нив се ослободуваат од настава, со оправдание дека наводно се подготвуваат за натпревар, а нивна задача е да бидат активни на социјалните мрежи во партиски цели, се вели во партиското соопштение на СДСМ Охрид. (Крај)
извор: СДСМ фото: архива