Скопје/Охрид, 9. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денес, по Конгресот на СДСМ ќе бидат познати финалните изборни листи за престојните предвремени парламентарни избори, закажани за 12-ти април.
На огласот се пријавиле околу две илјади кандидати, а по првичните селекции, бројката е околу 1.000 кои понатаму се селектираат на централно ниво, согласно анализите и анкетите, но и препораките на селекционата комисија, објави неодамна лидерот на партијата Зоран Заев.
Тој додава дека имињата на некои од кандидатите во одредени населени места се познати, но повеќето се’ уште се во процес на избор за учество на листите.
Периодов наназад се вршеа сериозни внатрепартиски пребројувања, сондажи и позиционирања за да се состави изборната листа. За нас најинтересната, 5-та Изборна единица во која е Охрид, СДСМ предизборно ја дели со БЕСА, што значително ќе ги намали „добитните“ места за членовите на партијата, што пак внатре-партиската „борба“ за места периодов наназад ја направи уште поинтересна. Ако се додадат тука и желбите на останатите помали коалициони партии, тогаш е повеќе од сигурно дека апетитите најверојатно ќе се задоволуваат подоцна, со директорски и советнички места, како и високи позиции во Владините тела и агенции.
Во охридската јавност се шпекулира со бројни имиња кои би можеле да се најдат на листите. Сепак, крајниот збор е на лидерот Зоран Заев, кој на последните избори успеа да стигне до победата во Охрид. Периодов наназад тој успева да ги менаџира внатрепартиските несогласувања и апетити. Кое партиско крило го одбрал ќе се знае веќе вечерва, со објавувањата на имињата кои ќе се најдат на листите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива