Охрид, 18. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Со вчерашното соопштение, Општина Охрид призна дека Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ, со амин на Министерството за транспорт и врски, безмилосно го ракрчмуваат најатрактивното државно земјиште во Охрид, под Плаошник, стои во соопштението на СДСМ по повод вчерашната реакција на Општина Охрид.
– Повторно ги прашуваме надлежните во општината:Која е потребата да се отуѓува најатрактивното државно градежно земјиште во Охрид? Со кое право се продава тоа земјиште на физички или правни лица?Кој е интересот на Општина Охрид да го продава најатрактивното градежно земјиште по почетна цена што е барем за 20 пати пониска од пазарната? Зошто општината, кога веќе располага со тоа градежно земјиште, не изгради еден мултинаменски репрезентативен објект за потребите на градот и граѓаните, наместо да го продава бадијала на приватни лица за изградба на станбен објект? Кој стои зад ваквата срамна бизнис зделка и за чии интереси се отуѓува најатрактивната градежна парцела во Охрид, прашуваат од СДСМ Охрид.
Оттаму ги прашуваат и општинските служби зошто не е испочитувана Одлуката за определување зони за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот во општина Охрид од 02.07.2013 година, донесена од страна Советот на Општина Охрид, според која пазарната цена на неизградено уредено градежно земјиште во тој дел од градот (ул. „Кочо Рацин“) изнесува најмалку 20 пати повеќе.
– СДСМ од Охрид воопшто нема намера да се занимава со спиновите на градските власти и бара веднаш да се поништи објавениот оглас и неодложно да се стопира штетната продажба на атрактивната локација, реагираат од охридскиот разгранок на СДСМ.
На изнесеното во денешниот допис до медиумите од ОО на СДСМ од Охрид реагираа од Општина Охрид од каде потенцираат дека отуѓувањето на земјиштето се спроведува по барање на Министерство за транспорт и врски.
– Целата постапка се води во согласност со Законот и прописите за градење, а градежната парцела е проектирана во согласност со важечкиот Урбанистички план. Почетната цена за отуѓување на градежното земјиште е пропишана со Уредба од страна на Владата на Република Македонија и изнесува 1.543 денари по м2, а крајната цена може да достигне висина и повеќе од 20 пати од почетната. Општина Охрид од продажбата на земјиштето ќе инкасира 80 проценти од средствата, а 20 проценти ќе одат во буџетот на Република Македонија. Исто така општината ќе инкасира средства по основ на комуналии за изградба на објектот. Стариот дел на градот е опфатен со Закон за прогласување на старото градско јадро за културно наследство од особено значење или популарно наречен Законот за Охрид, во кој јасно се одредени ингеренциите на Локалната самоуправа и ингеренциите на државните органи, стои во дописот од охридската локална самоуправа.
Додаваат дека доколку социјалдемократите од Охрид, сметаат дека оваа пазарна цена е ниска, да земат учество на електронското наддавање и да понудат највисока цена и со тоа да дадат придонес во пополнувањето на огромниот долг кој тие го оставија. (Крај)
извор: СДСМ фото: архива