февруари 4, 2015

Охрид, 4. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид, наместо да ја признае својата грешка поради скандалот со „правничката“ без диплома во Секторот за урбанизам, уште еднаш очајно се обиде сопствената вина да ја префрли врз поранешниот градоначалник, реагираа со соопштение од охридската организација на СДСМ.

– Безуспешен е обидот на општинската администрација, на чело со градоначалникот Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ, со контрадикторно соопштение да се амнестира за направениот катастрофален кадровски пропуст. Затоа, многу наивно звучи објаснувањето на сегашното општинско раководство, дека не ангажира лица за работа во општината исклучиво врз основа на партиска припадност, велат до СДСМ.

Оттаму појаснуваат дека речиси две години, заклучно со 31.01.2015 година, лице вработено со договор во Општина Охрид работело како правник во Секторот за урбанизам, иако не е дипломиран правник. Во тој период два пати бил објавуван оглас за нејзино вработување во општината, но таа ниту еднаш не аплицирала, поради тоа што, како што велат од партијата, немала диплома за завршен факултет.

– Точно е дека истото лице претходно било ангажирано од страна на поранешниот градоначалник на работни задачи во истиот сектор од 26.01.2012 година, но тогаш се работело за волонтерски договор, односно за времен волонтерски работен ангажман на проект. Ангажираното лице извршувало исклучиво помошни административни работни задачи, а нејзиниот работен ангажман бил прекинат по неколку месеци. Веднаш по промената на локалната власт, истото лице повторно било работно ангажирано со договор во општина, како партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Но сега, вработената била распоредена да извршува стручни правни работи, без притоа да и‘ биде побарана диплома за завршен правен факултет, се вели со соопштението на СДСМ.

Од разгранокот на СДСМ во Охрид велат дека вработената во општината која немала диплома, подолг временски период ги потпишувала урбанистичките решенија во Одделението за спроведување на урбанистички планови, со овластување издадено од градоначалникот Бакрачески.(Крај)

извор: ОхридПрес  фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука