февруари 8, 2018

Охрид, 8. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Добро е што конечно ВМРО-ДПМНЕ почнува да се однесува како опозициона партија, бидејќи после една деценија практикување криминогена власт, веројатно биле научени само да се грижат за нивните тендер политики, реагираат од ОО на СДСМ од Охрид.

– Како е возможно од ВМРО-ДПМНЕ дури сега да се загрижат за она што се случува со Али пашината џамија, кога реконструкцијата на овој објект е одобрена и започната токму додека тие беа на власт, а конзерваторските основи за истата, изработени токму од кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во надлежните институции. Уништувањето на базиликата кое го споменуваат оди и ќе оди единствено на нивна совест, ако воопшто ја имаат. И после сето ова, ВМРО-ДПМНЕ сега се дрзнува да бара разјаснување на она што се случувало со Али пашината џамија. Доколку им треба било какво разјаснување на ситуацијата, од ВМРО-ДПМНЕ можат слободно да се обратат до поранешната директорка на Завод и Музеј, која потекува од нивните редови. Истата, за она што се случува со Али пашината џамија, заработи и кривична пријава токму од Здружението на граѓани кое вчера беше споменато во нивното соопштение, а прекршочни пријави добија и останатите кадри на ВМРО-ДПМНЕ кои се вклучени во случајот, раегираат од партијата.

Во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ Министерството за култура да издејствува мислење од УНЕСКО за овие зафати, од СДСМ велат дека ќе беше добро ако ВМРО ДПМНЕ беа подобро информирани за да не изгледаат смешно пред јавноста.

– Министерот Алаѓозовски уште вчера попладне соопшти дека тоа ќе биде направено. Воедно сметаме дека ставот на Министерството беше доволно јасен дека правото на практикување на сопствената религија е Уставно загарантирано, но и дека заштитата на културното наследство на Република Македoнија е врвен приоритет на Владата, стои во реакцијата на ОО на СДСМ од Охрид. (Крај)

извор: СДСМ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука