Охрид, 10. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Само неколку седмици по објавениот оглас за прием на 10 нови државни службеници во општинската администрација, градските власти во Охрид повторно полнат со партиски кадри на товар на општинскиот буџет, реагираат од ОО на СДСМ од Охрид.
– Овој пат во ЈП „Охридски комуналец“, за каде што е објавен оглас за прием на 38 нови работници кои би биле работно ангажирани во рок од 45 дена. Зошто и понатаму се вработуваат луѓе во општинските служби и јавни претпријатија, кога градските власти од ВМРО-ДПМНЕ веќе две години се жалат на превработеност во општинските институции? Во периодот од 4-ти до 9-ти февруари 2015 година, во само 6 дена, на интернет страницата на Агенцијата за администрација се објавени и фигурираат 63 активни огласи за вработување на државни службеници и 20 за јавни службеници. Или, од почетокот на годината, Агенцијата објавила 136 огласи за вработување на државни службеници и 50 за јавни службеници, реагираат од СДСМ, од каде го повикуваат градоначалникот Никола Бакрачески, како најповикан да објасни, дали станува збор за неефикасност на службите, или манипулација со своето членство, на коешто преку времените вработувања им се фрлаат трошки за да ги намалат притисоците на нереализирани ветувања.
– Укажуваме дека која и да е од овие две алтернативи, е на штета на граѓаните на Охрид и повикуваме на одговорно однесување од страна на Бакрачекски кој ја презадолжува општината, додават од СДСМ.
На изнесеното реагираа од Општина Охрид од каде потсетија дека во периодот пред доаѓањето на актуелната локална власт, со сомнителни договори за вработување преку ноќ во Општина Охрид биле работно ангажирани 325 партиски лица, од кои голем дел без почитување на законските процедури.
– СДСМ е партија која го зголеми бројот на вработени во општинската администрација од 52-ца дури на 275 лица, само во Локалната самоуправа и уште неколку 100-тина во јавните претпријатија. Притоа, најголем дел од нив без соодветна стручна подготовка и образование, додаваат од Општина Охрид. (Крај)
извор: СДСМ/Општина Охрид фото: архива