Охрид, 22. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Кон крајот на септември членовите на нуркачкиот центар и клубот за подводни активности „Амфора“ од Охрид, ќе организираат голема акција на подводно чистење на дното на Охридското Езеро.
Милутин Секулоски, член на клубот, објаснува дека ваквите акции не се препорачуваат во екот на летната сезона, па затоа ќе се спроведе во септември. Предвидено е чистење на дното на езерото во одреден потег на водениот басен. Инаку, во изминатите години, во повеќе наврати беа организирани вакви акции за чистење на Охридското Езеро од отпадот, кој се наоѓа на самото дно.
Секулоски појаснува дека се променети некои работи во врска со начинот на загадување на езерското дно со цврст отпад.
– За разлика од порано, кога нуркачите детектираа големи количини ѓубре во близина на населбите покрај брегот на езерото, во последно време, најголем проблем претставуваат реките. Сите реки, кои се влеваат во езерото, го преполнуваат со најразновиден отпад. Не може да се определи конкретно некоја локација каде ситуацијата моментално е најсериозна, затоа што тоа варира. Мора итно да се среди проблемот со реките, вели Милутин Секулоски од клубот „Амфора“.
Секулоски, кој е меѓународeн нуркачки инструктор, се надоврзува на неговиот потфат од пред две години, кога изврши пренуркување на дното на езерото. Иако целта на таквата негова мисија беше пронаоѓање на интересни подводни материјали, сепак, потврдува дека наишол и на места на кои имало отпад.
Што се однесува до обуките за нуркање, кои секоја летна сезона се организираат во Охрид, од клубот додаваат дека и за годинава има голем интерес како кај младите од цела Македонија, така и кај туристите.
– Уште од сега пројавуваат интерес луѓето, посебно туристите. Гостите од странските земји сакаат да бидат дел од овие обуки. Има интерес и кај младите од Охрид и другите градови од републикава, но општо владее беспарица, нема многу средства за да може секој кој има таква желба, да ја реализира, дополнува Секулоски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива