Скопје, 28. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Крилото на Алијанса за Албанците (АА) предводено од Зијадин Села на претстојните избори ќе биде дел од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ на Али Ахмети.
Села попладнето на 28 март изјави дека одлуката била донесена едногласно на седница на Централното собрание.
– Одлучувавме за понудата од страна на Европскиот фронт, јас веќе ги објаснив позициите на АА – делегатите едногласно одлучија, еден беше против, и четворица воздржани за АА да биде дел од Европскиот фронт, дел од одговорностите што треба да ги преземеме, за да нашата иднина биде уште подобра, изјави Села.
Тој очекува од неговата партија во парламентот да влезат доволно мандати за да оформат пратеничка група. За пратеничка група потребни се најмалку пет пратеници.
– Бројот на пратеници ги одредува народот, гласачите, а не политичките партии. А ние сме се договориле во оваа коалиција, АА да ја зачува парламентарната група во Собранието. Но како резултат на гласањата од гласачите, овие бројки може и да се зголемат. Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Од друга страна АА ќе има минимум парламентарна група, рече Села.
Алијанса за Албанците како партија беше формирана во 2015 година, а произлезе од Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи. Зијадин Села тогаш иницираше движење за реформи во ДПА, а набргу потоа следуваше основањето на Алијанса за Албанците на чие чело застана тој.
Села ја предводеше партијата се до вонредните избори за Советот во Општина Тетово во август 2022 година кога поради лошите резултати си поднесе оставка. За нов лидер беше избран неговиот доскорешен близок соработник и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.
Меѓутоа, партијата се подели на две крила – едното Таравари и другото на Села, кој по напуштањето на лидерската позиција стана претседавач со партиското собрание.
Јавноста сведочеше на јавни конфронтирања, паралелни конгреси, партиски одлуки од двата табори…
Ваквиот раскол настана во пресрет на парламентарните и претседателските избори закажани за 24 април (прв круг претседателски) и 8 мај (втор круг претседателски и парламентарни), кога Таравари, кој беше коалициски партнер во Владата на СДСМ и ДУИ, се изјасни дека е за изборен настап со албанската опозиција.
Таборот на Таравари потоа и официјално се приклучи на опозицскиот блок во кој се Беса на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гази и Демократското движење на Изет Меџити. Тие формираа коалиција „Вреди“, а Таравари го избраа за претседателски кандидат.
Села, пак, требаше да одлучи дали со неговиот табор ќе настапи самостојно или ќе се приклучи на коалицијата на ДУИ. Во неа, Ахмети веќе потпиша соработка и со ДПА на Мендух Тачи, Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд. Демократската партија на Турција и Унија на Ромите. (Крај)
извор: slobodnaevropa.mk фото: архива