Охрид, 23. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Максим Димитриевски ја доби официјалната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, одлучено е на седницата на Извршниот комитет на партијата во Охрид.
– ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта и кои се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална. Ги повикуваме граѓаните слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта, изјави потпретседателот на партијата, Александар Николоски.
Првиот човек на СДСМ, актуелниот премиер Зоран Заев денеска од Охрид порача дека во општините каде кандидатите на коалициските партнери на Социјалдемократите ќе се соочат со кандидати од опозициските партии во вториот изборен круг, СДСМ ќе даде поддршка на тие од коалицијата, меѓу нив и на Рамиз Мерко во Струга, за кого партискиот лидер Зоран Заев претходно изјавуваше дека се „изгореле“ што го поддржале на изборите во 2017 година.
– Секаде каде сме поставени со коалициските партнери, а СДСМ нема свој кандидат, кога од спротивната страна е опозициска партија, во принцип ја даваме поддршката на коалицискиот партнер. Така што, во Струга даваме поддршка на Рамиз Мерко, во Кичево на Фатмир Дехари, во Гостивар на Невзат Бејта, во Чаир на Висар Ганиу и соодветно во другите општини. Исто како што ја очекуваме и ја добиваме поддршката од нашите коалициски партнери, истакна Заев.
Кога станува збор за останатите општини, како што кажа и претходно, онаму каде во вториот круг ќе се соочат кандидати од партиите кои се во коалицијата на централно ниво, како што е Тетово каде ќе се избира помеѓу Теута Арифи од ДУИ и Билал Касами од Беса, СДСМ нема да поддржи никого, туку ќе остави членството по слободно убедување да ја избере опцијата која смета дека е најдобра за општината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива