Охрид, 24. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата дека започна да функционира паркингот на улицата „Кеј Македонија“, изминативе 24 часа е помеѓу најкоментираните на Facebook профилот на OhridPress.
Пред хотелот „Палас“ е поставен пункт за наплата и рампа, а ваквото сообраќајно решение е одобрено од МВР. Станува збор за потегот од пресекот со улица „Македонски Просветители“ (кружна крстосница плоштад) до пресек на „Кеј Македонија“ со „Ванчо Николески“, потег ма кој ќе биде дозволен сообраќај, како и паркирање. Со поставувањето на рампата е затворен системот за наплата од маркет „Тинекс“, кружното и „Палас“. Сообраќајот ќе се одвива во една насока, од кружната крстосница кон хотелот „Палас“. Ваков сообраќаен режим имаше и претходно, а пред почетокот на летната сезона беше воведена забрана за секаков вид на моторен сообраќај на овој дел од улица „Кеј Македонија“ по што истиот беше наменет за движење на пешаци.
Читателите на OhridPress во најголемиот дел од коментарите се против ова сообраќајно решение и бараат паркингот да се реши на сосема поинаков начин, односно да се изнајде начин да се изградат толку најавуваните катни гаражи, кои беа едни од првите ветувања на сите досегашни градоначалници и гарнитури на власт во локалната самоуправа. Граѓаните апелираат кејот „Македонија“ да остане пешачка зона. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес