Струга/Охрид, 2. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата дека повторно е опожарен појас со трска на првата линија во езерскиот појас од Струга кон селото Калишта, покрај стандардниот deja vu момент за ваквите „инциденти“ и растегливоста на правото кај нас, повторно на виделина ја извади неодговорноста со која одговорните се однесуваат кон највредните „адути“ кои регионот ги има во ракавот. Истата е помеѓу најчитаните на Facebook профилот на OhridPress деновиве.
Во романот на Хорас МекКој „И коњите ги убиваат зарем не?“ на брутален начин авторот опишува еден маратон во танцување, којшто станува метафора за дејствувањето на капиталистичкиот систем во економска криза. Натпреварувачите биле принудени избезумено да танцуваат стотици часови, исцрпувајќи се до крајни граници, за да освојат награда и така барем привремено да побегнат од безнадежноста и безизлезот.
Сите ние танцуваме во оваа држава до некоја награда која би сакале да биде правна држава, правда, можност за работа и напредување на младите, нормален живот, соодветна работа, и слични „претерувања“ од наша страна…
– На 31-ви март 2023 година, околу 15:00 часот, во ОВР Струга пријавено е дека во крајбрежниот езерски појас од Струга кон селото Калишта, настанал пожар на нискостеблеста вегетација и трска, во должина од околу 200 метри. – Повредени лица нема, а на лице место интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица од Струга, стои во „стерилното“ соопштение доставено до медиумите од СВР Охрид.
И покрај тоа што имавме неколку разрешници на пријавите кои беа поднесени првични против непознати лица, сепак мора да се констатира дека на овој потег на езерото, често никнуваа објекти или „спортски сали“ со еден билијардО и неколку илјади м2 угостителски дел, за да се освежат „спортистите“, кога ќе се уморат од спортските активности.
Читатели на OhridPress, кои во најголем дел се од соседна Струга, коментираат дека не станува збор за ништо ново и дека ова постојано се повторува. Меѓу коментарите ја има и традиционалната охридско/струшка луцидност и уште повеќе обиди за истата, но за жал таа не го решава проблемот. Генерално, граѓаните се комплетно свесни за големината на проблемот и апелираат да се изнајде брзо решение и да се казнат сторителите на ваквите чинови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес