Се зборува на Facebook: Продолжува истекувањето на матна вода во езерото кај Воска
јануари 11, 2025

Охрид, 11. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата дека и понатаму продолжува истекувањето на матна вода во езерото кај Воска е помеѓу оние кои предизвикаа најмногу внимание на Facebook профилот на OhridPress.

Охридска жалостија… До кога? Со овие коментари, вљубеникот во Охрид, сликар и фотограф Ѓоко Симјаноски ги објави фотографиите на кое се гледа дека и покрај постојаниот притисок од јавноста, медиумите и еколошките организации, продолжува истекувањето на матна вода во езерото кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро во населбата Воска. Темата е постојано актуелизирана од граѓаните и медиумите, но како да се нема слух и начин да престане ова лудило и неодговорно однесување кон најголемата вредност која ја имаме – Охридското Езеро и живиот свет во него. Жителите на овој дел на градот, постојано реагираат и велат дека проблемот трае подолг период.


Читателите на OhridPress реагираат и бараат од соодветните институции брза реакција, затоа што проблемот останува со години наназад и како никој да не води сметка за истиот. Дел се со став дека не е само овој дел од езерото проблематичен од еколошки аспект и дека огромни загадувачи има на потегот кај Подмоље, Струга и на албанскиот дел. Потсетуваат и дека Градска плажа некогаш била еден од најубавите и најпопуларните делови на езерскиот брег за денеска да стигнеме до ова непосакувано ниво. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука