март 26, 2017

Охрид, 26. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за култура го објави тендерот за избор на проектантска куќа што ќе го изготви основниот проект за реконструкција, адаптација, надградба и доградба на Центарот за култура „Глигор Прличев“ во Охрид.

Изработката на проектната документација за објектот во строгиот центар на градот е проценето дека ќе чини 20 милиони денари, без вклучен ДДВ. Надлежното министерство планира договорот да го реализира во рок од шест месеци. Заинтересираните фирми треба да ги достават своите понуди најдоцна до 8 мај. Основниот проект треба да се изработи врз основа на победничкото идејно решение, за кое беше распишан архитектонски Конкурс во февруари 2016 година.

Центарот за култура „Глигор Прличев“ со претстојниот градежен зафат треба да добие поголема површина за одржување на разновидни културно-уметнички настани. Зданието ќе се прошири со простории наменети за Охридскиот театар, ќе се адаптира простор за кино сала и ќе се овозможи дополнителна површина за изложбениот салон.

Проектот е планирано да се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, така што во рамки на објектот треба да биде предвидена можноста за изведба на деловен простор како негова дополнителна содржина. (Крај)

извор: build.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука