Охрид, 22. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во оваа учебна година во охридските основни и средни училишта ќе се формираат паралелки со помалку од 24 односно 25 ученици.
Ваквите предлог одлуки беа аминувани од советниците на последната седница.
Потребата од формирање паралелки со помал број ученици упатува на намалување на бројот на деца, иако советникот Ангел Јанев рече дека иако нема преголемо зголемување, за пофалба е тоа што нема намалување на бројот на учениците во Охрид. Дозволата за формирање паралелки со помал број ученици тој ја оправда со опасноста од затворање на некои насоки или цели училишта и отпуштање на вработени.
– Минатата година имавме проблем со угостителското училиште, па и тогаш дадовме дозвола за формирање паралелка со помал број ученици. Имаше 5-7 ученици во една паралелка. Дадовме виза да се оформи паралелка за да не се изгубат бенефициите што ги нуди Министерството за образование. На тој начин не згаснаа класови и немаше отпуштања на наставен кадар.
Охрид има потреба од средно угостителско училиште, имаме и Факултет за туризам и угостителство, па непрактично е тие паралелки да згаснат, истакна Јанев.
Професорот и советник Јоне Станкоски, пак како причини за намалувањето на бројот на ученици во паралеките ги наведе белата чума на денешницата, односно иселувањето од Охрид како и намалениот наталитет. Решението тој го гледа во законски измени.
– Потребни се измени во Законот за основно и средно образование, да се дојде до намалување на бројот на минимум деца за формирање паралелки, како и минимум часови по наставник за остварување на правото на личен доход, рече Станкоски.
Тој стравува од затворање на некои основни училишта, особено за подрачните единици во селските средини, што би повлекло прогласување на наставници како технолошки вишок. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива