октомври 1, 2017

Охрид, 1. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Меѓународниот ден на старите лица, кој е назначен со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации на 14-ти декември 1990 година.

Во 2002 година, Второто Светско Собрание на стареењето го усвои Мадридскиот меѓународен акционен план на стареењето, за да одговори на можностите и предизвиците на стареењето на населението во 21-от век и да се промовира развојот на општество за сите возрасти.

За оваа година темата на Меѓународниот ден на постарите лица се залага за овозможување и проширување на придонесот на постарите луѓе во нивните семејства, заедници и општества во целост. Тој се фокусира на патеките кои поддржуваат целосно и ефективно учество во староста, во согласност со основните права, потреби и преференции на старите лица.

Меѓународниот ден се одбележува преку зголемување на свесноста за проблемите поврзани со старите лица, како и се потенцира придонесот на постарите лица во општеството.

Па, така како еден од проблемите за постарите лица во Охрид е немањето дом за стари лица, кој досега веќе до половина требаше да биде изграден. Имено, во месец јуни 2015 година беше потпишан договорот за соработка помеѓу Општина Охрид и на АД „Илинден“ од Струга, фирма која беше избрана како најповолен понудувач.

Домот за стари лица требаше да се гради во местото викано Галеш во населбата Далјан на брегот од Охридското езеро, на површина од 8.425 м2 и тоа за период од две до четири години. Од менаџерскиот тим на АД „Илинден“ тогаш ги изразија нивните заложби да ги испочитуваат обврските од договорот и домот да се изгради во рамки на предвидениот рок. Но, еве и по повеќе од две години нема ни поставен камен темелник од долгоочекуваниот дом за стари лица. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука