Струга, 8. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Струга по осми пат се одржа Ѓурѓовденската литија – Еордија.
Граѓаните се поклонија пред моштите на Св. Георгиј Победоносец и чудотворната икона на овој светец.
Денот на традиционалната Струшка литија е дел од културното наследство на Република Македонија.
На Литијата ѝ претходеше церемонијално полициско возило, кое на својствен начин го одбележа чествувањето на Св. Георгиј како покровител на полициските сили. Помеѓу возилото и Литијата на коњ дефилираше посебен редар и најавувач на процесијата, со палмова гранка во раката како симбол на мирот, кој всушност, не го претставува Св. Георгиј Победоносец, туку беше облечен во традиционална римска трибунска облека од времето кога живеел светецот.
На чело на самата Литија одеше член од Бигорското братство, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворната икона на Св. Георгиј Победоносец, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј и други митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Славица Панова