Охрид, 2. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Почнаа да се отстрануваат „лежечките“ полицајци на булевар „Туристичка“, како дел од безбедносните мерки по повод посетата на државниот секретар на САД Мајк Помпео на Охрид.
Помпео со делегацијата в петок, 4-ти октомври, ќе престојува во Охрид. Поради тоа, Секторот за внатрешни работи Охрид ќе преземе соодветни активности, особено во делот на одвивањето на сообраќајот.
– Во таа насока, остварени се контакти со одговорните лица на правните лица одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид како и со други релевантни субјекти. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид почна со известување до сопствениците на патнички и други моторни возила за дислокација на возилата од паркинг местата на булеварот „Туристичка“ и неколку улици во стариот дел на градот, каде ќе минува делегацијата. На тие сообракајници и улици, нема да биде дозволено запирање или паркирање на моторни возила, информираат од СВР Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес