Охрид, 27. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Започна отстранувањето на новогодишните украси во центарот на Охрид, кои го красеа градот за време на Новогодишните празници.
Отстранети се елките, како и украсите поставени на улицата „Македонски просветители“.
И годинава за време на празниците, градот ги отвори вратите за сите вљубеници во него. Најбројни беа туристите од Србија, Црна Гора, Хрватска, Грција, Албанија, како и бројни домашни гости. За гостите беше подготвена и новогодишна програма, оваа година со акцент на најмладите. На 31-ви декември на плоштадот се одржа музичко-театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“. За забавниот дел на дочекот на Новата година на Градскиот плоштад во Охрид се погрижија диџеите Jana Slayy и Багзи, Татијана Стефановска, групата DNK, Нино Величкоски и групата „Фортуна“.
Охрид веќе неколку години наназад го спроведува овој концепт за прослава на новогодишните празници. За тоа потпомогна и Covid-19 кризата, која комплетно го смена начинот на кој се одбележуваат овие празници во најголемиот туристички центар во Република Македонија. Последен организиран концепт кој беше одлично прифатен од охриѓани и гостите беше проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ кој беше за прв пат имплементиран во 2017 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес