Охрид, 28. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на овој месец Охридското Езеро се порибува со подмладок на ендемичниот вид охридска пастрмка.
Претставници од Државниот инспекторат за земјоделство, денеска беа во посета на Охрид и Хидробиолошкиот институт да извршат увид во активностите.
– Порибувањето започна на 11-ти септември, а ќе трае уште десетина дена, рече Зоран Спиркоски, од Хидробиолошкиот завод од Охрид.
– Икрата е колекционирана во текот на месец јануари се до 15-ти февруари, тука е инкубирана и рипчињата како подмладок се прихранувани веќе шест месеци. Досега се порибени 1.370.000 единки ослобедени во езерото на различни локалитети и тоа на делот од источното крајбрежје каде што Хидробиолошкиот институт заедно со концесионерот го вршеше ловот на единките пастрмка и каде што беше колекционирана икрата. Рибите се со големина од 7-8 сантиметри со тежина од 2-3 грама, потенцира Спиркоски.
Што се однесува до тоа колкав е изловот на пастрмка, Спиркоски истакна дека за тие податоци се базираат врз она што го доставува концесионерот и уловот на пастрмка и на белвица е далеку помал,а особено за пастрмка речиси и незабележлив.
– Тоа укажува на некои моменти кои се предмет на идна дискусија како понатаму да се менаџира фондот на овие две риби. Како институција секогаш сме оптимисти дека пастрмката ќе се врати во водите на Охриското Езеро, дециден е Спиркоски.
Задолжен за порибувањето е Хидробиолошкиот институт според законот, тоа го плаќа ресорното министерство за порибувањето за подрачјата Охридско, Преспанско и Дојранско езеро, а за другите води се грижи концесионерот.
За оваа цел министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одвои 8 милиони денари. Хидробиолошкиот институт од Охрид е надлежен за порибување на источното и југоисточното крајбрежје на езерото. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес