Се поставува Бадниковата пештера на Градскиот плоштад (Фото)
декември 24, 2024

Охрид, 24. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – На Градскиот плоштад се поставува големата Бадникова пештера, која наликува на онаа во Витлеем каде што е роден спасителот Исус Христос.

Бадниковата пештера е подарок за градот од Бигорскиот манастир, а е дело на вредните монахињи од манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица. Широка е 2,5 метри и висока 3 метри. Направена е од различни природни материјали, уникатно украсена и збогатена со иконата на Рождеството Христово и кандилце.

Инаку, во меѓувреме течат подготовките за манифестацијата „Бадникови поворки“ 2025 година.

На пробите што се одржуваат во спортската сала на ОУ „Христо Узунов“ бројот на учесници е сѐ поголем. Кон поворката од Охрид ќе се придружат и поворки од Дебрца, Велгошти, Лескоец, Пештани… Интересот е голем и се очекува околу 2.000 деца да бидат дел од овој настан.

Во насока на негување на традиција на православно празнување на Бадник, со пеење на православни црковни песни, на 6-ти јануари, стотици деца низ охридските улици ќе ја пеат Вечниот Бог. Учесниците во поворката ќе носат ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата деница што го покажала патот на мудреците до пештерата. Поворката ќе тргне од црквата „Св.Георгиј“ во 10:30 часот, ќе се движи по улицата „Јане Сандански“ и булевар „Туристичка“, па низ охридската чаршија и ќе заврши на Градскиот плоштад каде на учесниците ќе им бидат поделени и пригодни подароци. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука