Охрид, 27. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Читатели на OhridPress испратија фотографии и видео материјал до нашата редакција од состојбата во која се наоѓа патниот правец Охрид-Св. Наум.
Во пресрет на летната сезона, продолжува реконструкцијата на регионалниот пат 1301, кој води од Охрид до Свети Наум, која започна на 24-ти октомври 2023 година. Во моментов, асфалтирана е делницата од Св. Наум до неколку километри после селото Трпејца. На остатокот, до Музејот на вода се извршени подготовки за асфалтирање, а натаму до Пештани се санирани и закрпени поголемите дупки на коловозот.
На целата делница е извршено парцијално проширување на коловозот на поголемите кривини, а на дел е извршено и тампонирање.
Овој патен правец беше во исклучително лоша состојба и е едно од главните барања на граѓаните за проширување и средување на истиот за да може нормално да се одвива сообраќајот. Води кон селата на овој дел од регионот, манастирот „Св. Наум“, но и кон граничниот премин со соседна Албанија, што го прави особено важен, но и фреквентен, особено во текот на летните месеци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес