мај 16, 2024

Охрид, 16. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во тек се санациони зафати на познатата „Маларична“ во Охрид.

Во насока на обезбедување подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал, но и енергетска ефикасност за заштеда на струја, се пристапи кон промена на дограмата на објектот.

 

Од ЈЗУ „Здравствен дом“ Охрид за Супер радио и OhridPress велат дека покрај тоа во внатрешноста на објектот ќе биде поставен пвц под, ќе се прави енергетски ефикасна фасада, со бекатон плочки ќе биде поплочен паркингот, а во насока на заштита на амбулантните возила ќе се направат и шест настрешници.

Покрај во Охрид, се реновира и амбулантата во село Белчишта што беше во многу лоша состојба.

Инвестициите се реализираат од сопствени средства на установата.

Инаку, реконструктивни зафати на „Маларична“ се правеа и претходно. Се реновира покривната конструкција, се реконструираа ходниците кај матичните лекари, во службата за Брза помош, диспанзерот како и делот кај стоматолошките ординации, а старите дрвени клупи во ходниците беа заменети со нови, пластични столчиња.

Што се однесува до возниот парк, од 2017 до 2024 година набавени се 4 амбулантни возила со целосна опрема и едно ново патничко возило за тимот за домашна посета. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука