Охрид, 3. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градежна механизација деновиве го расчистува просторот на ридот кај „Горица“ каде требаше да се гради хотелот на „Small Luxury Hotels“ во Охрид.
Порталот Охрид 1 јави дека ова земјиште е продадено на приватна компанија уште пред десетина години, а компанијата која треба да инвестира во луксузен хотел повеќе пати го одложи почетокот на работите, но секоја година уредно ги измирувала сите обврски кон општината кои произлегувале од преземените обврски во договорот.
Скоро десет години остана само ветување хотелот кој требаше да се гради на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје. На парцела од околу 7.000 метри квадратни, веднаш до хотелот „Инекс Горица“ најавена беше градба на нов луксузен хотел од страна на домашната компанија „Дивелоп груп“.
Објектот требаше да располага со 50 соби и 120 легла. Планирано беше вложување на околу 12 милиони евра, а првичните информации тогаш зборуваа дека хотелот ќе биде дел од меѓународниот ланец на хотели „Small Luxury Hotels“, кој е присутен во преку 70 земји од светот со над 500 хотели. (Крај)
извор: Охрид 1/ОхридПрес фото: ОхридПрес/Охрид 1