јуни 27, 2019

Охрид, 27. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Владата чека одобрување нова транша од кредитот од кинеската Ексим банка за да се интензивира изградбата на автопатската делница Кичево-Охрид, вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Тој очекува да продолжи кредитирањето од Ексим банка кое било прекинато на 15-ти јануари.

– Финансирањето е спорно и тоа не зависи од нас, туку од кинеската Ексим банка. Деновиве очекуваме информации за тоа. Доколку тие информации не стигнат брзо ќе бараме други начини и патот ќе продолжи интензивно да се гради, истакна Анѓушев и потврди дека јуни 2021 година останува како краен рок за комплетирање на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри.

Автопатот ќе чини 598 милиони евра. Владата претходно потпиша два анекс договори со кинески „Синохидро“, за продолжување на рокот за изведба и за дополнителната сума што ќе треба да се одвои за изведба на клучки, изградба на патишта, санација на косини и стабилизација на свлечишта. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука