Женева, 21. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Пандемијата предизвикана од COVID-19 ќе трае и во текот на 2022 година поради ниската стапка на имунизација во сиромашните земји, предупредува Светската здравствена организација (СЗО). Поточно, ова го тврди високиот претставник на СЗО, Брус Ејлворд.
Тој апелираше до богатите земји да се солидаризираат со сиромашните земји и да им се овозможи да набават вакцини.
– Можам да кажам дека не сме на правиот пат. Навистина мораме да го забрзаме процесот на вакцинација. Во спротивно, оваа пандемија ќе трае една година подолго отколку што се проценува, вели Ејлворд.
Невладините организации тврдат дека, во споредба со богатите земји, во сиромашните во просек стигнува само една од седум дози од вакцината.
На африканскиот континент вакцинирани се помалку од 5 отсто од популацијата, а на останатите континенти процентот на вакцинација надминува 40 отсто. (Крај)
извор: Фокус фото: архива