Женева, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Светската здравствена организација подготвува реформи, предизвикани од бавната реакција на кризата со смртоносната зараза ебола во Западна Африка.
Ова беше договорено на вонредна средба на СЗО во Женева.
Генералниот директор Маргарет Чан е на мислење дека кризата со опасниот вирус го научила светот и СЗО што да прават во иднина.
Меѓу реформите кои и’ претстојат на организацијата, е и создавање на посебен фонд за вонредни ситуации, преку кој ќе се обезбедат средства при епидемии. Исто така се предвидува и подобрување на меѓународната соработка, како и поддршка за земјите кои мора брзо да реагираат во итни ситуации.
Според најновите податоци на Светската здравствена организација, има 21 724 случаи на зараза во девет земји, а починатите од ебола се 8641 лица, додека најголем број од нив се во Сиера Леоне, Гвинеја и Либерија. (Крај)
извор: WHO фото: архива