Белчишта, 28. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Доаѓа време на промени во Општина Дебрца кои ќе се случат на 17-ти октомври, истакна кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Саше Силјановски кој на денешниот митинг ги потенцираше приоритетите кои ќе ги реализира во својот мандат за Дебрца да стане пристојно место за живот и општина со перспектива.
– Главен предизвик во мојата работа ќе биде носење на инвеститори за отворање на работни места, инвеститори за фабрика за преработка на компир. Максимално искористување на земјоделските потенцијали и отворање на пунктови и за продажба на земјоделски производи, како и директно субвенционирање на земјоделците од општината, но и хуманитарен фонд за социјално загрозени и лица со посебни потреби, рече Силјановски.
Тој додаде дека во неговиот мандат ќе реализира бројни инфраструктурни проекти, но и мини пазар на магистралниот пат Охрид-Скопје, како фудбалски клуб и враќање на манифестацијата „Црешобер“.
– Чиста општина, и еко производи ќе бидат приоритет, како и вложување во енергетика. Канализациони мрежи за селата Велмеј и Требеништа, во функција на браната во село Слатино, асфалтирање на патот од Ботун со манастирот „Света Богородица“, ова се дел од проектите позади кои стојам и ќе ги реализирам, изјави Силјановски.
Тој нагласи дека СДСМ пред 4 години ветуваа живот, но општина Дебрца стана место каде младите не ја гледаат својата иднина, земјоделците не ја гледаат својата егзинстенција, а Дебрца е место кое нема перспектива.
– Наместо развој, Дебрца стана место на поединци кои си ги остваруваат своите лични интереси. Доаѓа време на промени кои ќе се случат на 17-ти октомври, промени кои носат иднина, економија и подобар живот за граѓаните. Општина Дебрца ќе биде општина на сите граѓани. Ќе подадеме рака на секој граѓанин, за Дебрца да биде пристојно место за сите генерации. Ова е битка во која општината ќе ја вратиме на вистинскиот пат, пат кон успехот, потенцираше Силјановски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива