Скопје/Струга, 13. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Светски познатиот пијанист Симон Трпчевски, кој по потекло е од селата Збажди и Секирник, стана почесен граѓанин на Општина Босилово.
Признанието доаѓа откако лани Трпчевски го престави проектот „Македонисимо“ во родното село на мајка му Нетка и собра илјадници љубители на класичната музика на отворено. Признанието му го врачи градоначалникот на Босилово Ристо Манчев, откако советот на општината во април годинава донесе одлука.
– Горди сме што Трпчевски има корени од ова општина. Тој е голем професионалец и со своите дела покажа како се сака својата држава и своето родно место, што е за почит. Тој дава силна порака до сите дека независно од каде потекнувате, доколку имате талент и се трудите, успехот е загарантиран, кажа Манчев.
Трпчески во Босилово дојде со мајка си и блиски роднини. Кажа дека често бил во Секирник како дете, па се присети како со дедо му собирал бостан и пиперки. Рече дека убаво се сеќава и дека лупел пиперки за ајвар во Секирник.
– Во Македонија последните години има тенденција на заборавање на она што значи вистинска вредност на село без кое ние не може да живееме, условно кажано, ние од градот. Точно знам од што ние сме се хранеле, дали тоа било од Секирник или Збажди горе на планината Караорман, струшко. Тоа не се заборава и не се срамам. Бидејки пораснав во Секирник, веста дека ќе ме прогласат за почесен граѓанин на Општина Босилово ја примив со детски восклик и ова ме враќа во детството каде сум доаѓал, оти мајка ми е од Секирник во Општина Босилово, кажа Трпчески.
Тој лани со проектот „Македонисимо“ одржа концерт во Секирник кој траеше повеќе од два часа, а школскиот двор беше претесен за посетителите кои дојдоа да ги слушаат транскрипциите на македонската традиционална музика со поинаков аранжман од Панде Шахов во соработка токму со Трпчески, кој претходно овој проект го реализираше во Збажди, родното село на татко му. (Крај)
извор: сдк.мк фото: сдк.мк