Охрид, 26. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Синдикалните претставници и членството на СОНК во Охрид денес одржуваат состаноци и консултации околу одлуката за прекин на штрајкот во образованието и градинките, што трае полни две недели.
Претседателката на на Регионален огранок на СОНК во Охрид, Катерина Крстеска, за Супер радио и OhridPress информира дека во текот на денов одржува состаноци и консултации на ниво на регион и со синдикалните претсавници во училиштата, по што ќе се знае конечниот став.
– Синоќа врз основа на тоа што беше понудено од Влада кон СОНК, одржавме онлајн состанок на ниво на совет. Денес одржав состанок на ниво на регион, синдикалните претставници ќе си одржат на ниво на организација. Штрајкот и денес е во тек, после сумирање на податоците на ниво на држава, на сите штрајкувачи ќе донесеме одлука како ќе биде понатаму, рече Крстеска.
OhridPress неофицијално дознава дека има поделени мислења помеѓу просветните работници. Дел ја поздравуваат одлуката, но дел се за продолжување на штрајкот.
Владата и СОНК синоќа постигнаа согласност за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата во основното и средното образование и во детската заштита. Средствата ќе бидат обезбедени со релабансот на Буџетот. Според Владата, ова зголемување нема да претставува ризик од дополнителна инфлација и нема да се одрази на нормалното сервисирање на обврските од Буџетот.
Договорено е и креирање нова методологија за раст на платите која треба да биде завршена до крајот на годинава, а ќе се применува од 2023 година и ќе биде дел од општиот колективен договор.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки започна на 11-ти април. СОНК бараше зголемување на платите за 18,4 проценти веднаш и усогласување на останатите плати со минималната плата. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, овој предлог не беше прифатен од страна на СОНК, за синоќа да се договорат за покачување од 12%. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива