Охрид, 12. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Едно од најголемите имиња во електронската музичка индустрија, одличната Deborah De Luca ова лето ќе настапи пред охридската публика, но и многубројните гости на една од најатрактивните плажи на брегот на Охридското Езеро.
– Нејзиниот прв настап во Скопје пред скоро 3 години беше навистина голем настан за македонската клубска сцена. Во петок, на 3-ти август ја слушаме и гледаме за прв пат под отворено небо на најексклузивната локација за журка на охридското крајбрежје, плажата „Градиште“. Бидете дел од големата забава, порачуваат организаторите.
Настанот е во организација на SUN Production од каде најавуваат ноќ за паметење.
Италијанката Deborah De Luca важи за една од најголемите Dj ѕвезди во моментов. Во зенитот на својата кариера таа ги полни најпопуларните подиуми ширум светот, нејзиниот распоред на настапи е навистина импресивен и со право може да се каже дека е еден од најбараните Dj-и во моментов. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива