Охрид, 2. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани многупати на дело ја покажале својата хуманост, а тоа ќе имаат можност повторно да го направат следната недела за помош на младиот Јане Велковски од Скопје.
Јане е 9 годишно момче, едно од ретките деца кои боледуваат од спинална мускулна атрофија. Тој со сонот и желбите и пркоси на суровата реалност, а неговиот сон е да прооди и да стане фудбалер како Роналдо. Јане чека и се надева дека државата ќе му го обезеди новиот лек „спинраза“, кој е многу скап, и до 100.000 евра по терапија. Годишно се потребни пет терапии, односно 500.000 евра на годишно ниво. Оваа цена е само за првата година, а за сите наредни се преполовува и ќе изнесува по 250.000 евра годишно.
Иако е врзан за количка, тоа не го спречува да игра фудбал во секоја прилика. Првично во јавноста се појави како придружба на македонската репрезентација на квалификацискиот натпревар против Шпанија во јуни.
Најдобра илустрација дека Јане живее за фудбалот е неговата фотографија, сликан покрај постерот од Роналдо, за време на одржувањето на Супер купот во Скопје, што за кратко време го обиколи фудбалскиот свет. Па, така железната волја на Јане го направи да биде заштитно лице на кампањата #EqualGame на УЕФА.
Со цел да се крене свесноста кај граѓаните за важноста да се помогне во вакви случаи, во Охрид ќе се организира хуманитарен турнир во ракомет и мал фудбал „Сите играме за Јане“.
Јане Велковски, нашиот голем херој, ќе брани за ФК „Охрид Топ Тим“. Членови од клубот „Лихнидос“ ќе играат против тимот на Општина Охрид, а судии ќе бидат Томислав Тунтев, Живка Ангелоска, Кирил Пецаков и Дејан Пановски.
Турнирот ќе се одржи на 10-ти декември, во Спортската сала „Билјанини извори“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива