Охрид, 5. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Празничниот ден посветен на Великиот светец и најавите за сончево време со невообичаено високи температури за овој период од годината, ќе направат денеска, традиционално, сите патишта да водат до прекрасниот манастирски комплекс Св. Наум.
Бројни посетители од Охрид, околината, но и целата држава на овој ден палат свеќи и му се молат за здравје на светецот.
Свети Наум Охридски Чудотворец, за кого има голем број легенди и преданија во народот од овој регион, бил средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета. Потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта.
По завршувањето на Моравската мисија, заминал во Велики Преслав, а оттука во Охрид, каде му се приклучил на Св. Климент во работата на Охридската книжевна школа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес