Охрид, 29. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Она што започна со викендот кој е зад нас, продолжува и оваа недела, која е најава за Илинденскиот викенд во Охрид, кога градот, традиционално го бележи шпицот на сезоната.
Со угостителска и забавна понуда за сите вкусови, со бројни музички ѕвезди, Охрид го пречекува викендот кој е пред нас, за кој веќе се бара место повеќе.
Исполнети се скоро сите објекти кои издаваат соби и апартмани, во хотелите и приватното сместување. Ако на ова се додаде и огромната бројка на лица надвор од Охрид, кои имаат сопствени станови, што е и најголемото „сидро“ врзано за локалниот туризам, повеќе од јасно е дека ќе имаме добра сезона, која останува да покаже времето дали ќе ги надмине бројките од минатата година.
Странските гости уживаат во убавините на градот, а забелешките на домашните гости најчесто се цените, кои според многумина се превисоки. Охриѓани во најголем дел забележуваат на уредувањето на центарот на градот, хигиената која е скоро невозможно да се одржува, и покрај напорите на вработените во комуналното претпријатие, панаѓурскиот лик на најатрактивниот дел, хаотичната понуда во забавниот дел, прегласната музика до раните утрински часови…
Ова секако се дилеми за следната сезона, со надеж дека ќе се препознаат грешките и ќе се направи напор да се исправат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес