Охрид, 11. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 2013-та до 2016-та година Општина Охрид за репрезентација потрошила 9.882.134 денари, покажаа податоците на новинарскиот истражувачки тим на СКУП.
Во 2013-та година, со доаѓањето на Никола Бакрачески на власт биле потрошени 2.312.754 милиони денари, додека охридската администрација била „најштедлива“ во 2014-та година кога потрошиле на име репрезентација „само“ 1.912.854 денари. Следната 2015-та скоро да стигнале до „најсветлите времиња“ на својот претходник и по овој основ од буџетот на општината биле издвоени 3.522.382, додека во 2016-та година биле потрошени 2.134.144 денари. Податоци за тековната година не се објавени. Кога ќе се додадат истите ќе се стигне до бројка од 160 до 200.000 евра, односно 4-5.000 евра месечно на име репрезентација кои биле трошени од страна на Општина Охрид со доаѓањето на Бакрачески на власт.
Под „средства за репрезентација“ се подразбираат:
– трошоци за симболични подароци за официјални гости кои не можат да изнесуваат повеќе од 100 евра по лице во денарска противвредност и
– средства за покривање на трошоци направени во угостителски објекти за деловни средби (деловни ручеци, вечери, пијалоци и слично).
Тимот на СКУП поднесол жалба до Општина Охрид, а на барањето да им се достават фактурите, од општината одговориле дека „поради обемноста на материјалите не се во можност да ги испратат, но дека може да се изврши увид на истите во општината“.
– Нашиот обид за увид во документацијата во општинската зграда беше оневозможен, наводно поради политичката состојба. Поточно поради истечениот мандат на градоначалниците со објаснување дека градоначалникот не можел да стави потпис на документите што врз основа на Законот за слободен пристап до информации ги побаравме и од оваа општина. Притоа, не беше прифатено нашето укажување дека не е неопходен, дури е и непотребен потпис од страна на градоначалникот, ниту на било кое друго службено лице во општината за законски да ги добиеме документите што ги бараме, а кои се од јавен карактер и кои се од интерес на граѓаните бидејќи се работи за трошење на нивните пари. Поради ова игнорирање и неовозможување на легитимен увид на јавноста во фактурите кои евидентираат трошење пари за репрезентација, од страна на новинарскиот тим е поднесена жалба до Комисијата, информираат од новинарскиот истражувачки тим на СКУП.
Комплетното истражување можете да го погледнете ОВДЕ. (Крај)
извор: inbox7.mk фото: архива