јануари 4, 2024

Охрид, 4. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Славе Ѓорѓо Димоски е авторот на поетското дело „Денес“, за кое ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2023 година, што во чест на славниот македонски поет и преродбеник ја доделува НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид.

Признанието ќе му биде врачено на посебна свеченост, а наградената поема ќе биде објавена. Одлуката за доделување на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2023 година едногласно ја донесе комисија во состав Милован Стефановски – претседател и Елизабета Шелева и Иван Додовски – членови.

Од вкупно седум ракописи, кои беа анонимно пријавени на конкурсот, комисијата ги издвои во потесен круг поемите: „Денес“ (пријавена под шифра „Сенед“), „Одблесок“ (пријавена под шифра „Еригон“) и „Армагедон – големиот суден ден“ (пријавена под шифра „Валтер“). Општа оценка на Комисијата е дека квалитетот на дел од пријавените поеми не е на очекуваното ниво, особено имајќи ги предвид угледот на оваа награда и вредностите на некои наслови што биле наградувани во изминатите години.

– Наградената поема „Денес“ се издвојува од другите пријавени ракописи. Таа нуди драгоцени созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси како, на пример, постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна. Во средиштето на лирското промислување е ставена кризата на субјектот и преиспитувањето на идентитетот во состојба на неизвесност, запрашаност и соочување со празнината: кој(а) сум јас, чија претстава сум, можна ли е комуникацијата со себе и со другиот? Поемата „Денес“ донесува освежување на канонскиот модел на жанрот, избегнувајќи ги архаичните обрасци и реторика. Композициски, поемата содржи три дела, секој со три пеења, сите проникнати со фино дозирани наративни секвенци и јасна нишка на приказна. Еден свеж, урбан (понекогаш и жаргонски груб, неуфемистичен) лирски глас наизменично, како во контрапункт, ги поврзува општата и интимната состојба: врз фонот на глобалната криза се открива драмата на Тој и Таа, неможноста за дијалог, комплетната замрзнатост како внатрешна духовна состојба, но и потребата за допир и за светост (што се изразува низ неколку библиски референци). Во поглед на исказот, поемата се одликува со економичност, со сугестивни дискурзивни решенија и со критички себесоголувања, како и со луцидни гномски стихови, кои имаат ефект на сликовити егзистенцијални поенти. Поемата завршува со слика на „празен подиум“ додека, како што се вели во последниот двостих, „победникот и поразениот/седат на исто место“. Така, субјектот во поемата „Денес“, по долго лутање – од студен зимски предел до Париз, од Тел Авив до Ерусалим – се чини дека наоѓа конечна епифанија „во тивкото.. ноќно ветре“ во Охрид, превозмогнувајќи го црнобелиот принцип на перцепција и вреднување, стои во образложението за наградата.

Славе Ѓорѓо Димоски (поет, есеист, преведувач) е роден на 18-ти март 1959 година во селото Велестово, Охрид. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководтиел на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“. Автор е на книгите поезија: Гравири, 1979, Проект, 1982, Студен порив, 1985, Последните ракописи, 1988,. Спореден пат, 1991, Предмети и аргументи, 1994, Форми на страста (со цртежи на Сергеј Андреевски), 1998, Форми на страста/Forms of passion, (библиофилско издание со цртежи на Сергеј Андреевски и Дик Робертс, приредил Сашо Димоки), Macedonia Prima, 1999, Темно место, 1999, Мерач на зборовите (со цртежи на Сергеј Андреевски), 2007, Хаику на разгледници, 2015 година, Јазичен триптихон, (со цртежи на Сергеј Андреевски), 2015 година, Кумова слама, 2018 година, Јазик и леб, а 2019 година. Во книгата Поезија/Ткаења, 2014 година e објавена неговата целокупна поезија пишувана од 1979 до 2014 година. Објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Дваесет книги му се преведени на стрнски јазици, а поединечни песни и поетски циклуси се преведени на над триесет и пет јазици, меѓу кои: англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски италијански, грузиски, ерменски, монголски… Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, а меѓу нив “Браќа Миладиновци“, „ Антево перо“, „Ацо Шопов“, Гран при интернационал (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и др. Двапати е добитник на највисокото охридско признание „Св. Климент – Патрон на Охрид (2000 и 2012 година). Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука