Охрид, 18. дeкември 2024 (ОХРИДПРЕС) – За животот, делото и мисијата на нашата голема музичка ѕвезда, легендарниот Тоше Проески ќе бидат снимен филм, документарец и Тв серија, откри министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
– Во текот на следните две години, ќе снимиме игран филм, документарец и Тв серија во неколку продолженија, кои ќе ги прослават неговите живот, дело и мисија. Тоше не беше само музичка икона за Македонија, туку и за целиот Балкан, и овој проект ќе има големо регионално значење, откри Љутков.
Носител на проектот е Македонската радио-телевизија, а финансиските средства ќе бидат обезбедени од буџетот на Македонија преку Министерството за дигитализација и копродукциски ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот.
Љутков додава дека согласноста од семејството на Тоше е потврдена, и дека сме подготвени да ја разоткриеме неговата приказна.
Роден е на 25-ти јануари 1981 година во Прилеп, како второ дете на Никола и Доминика Проески. Во неговото Крушево го завршува основното училиште. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музички уметности во Скопје.
Загина на 16-ти октомври 2007 година околу 06:20 часот во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Република Хрватска. Џипот со кој што управуваше пријателот на Тоше, тогаш 32-годишниот Ѓорѓи Ѓорѓевски, поради неприлагодена брзина и премалото растојание помеѓу возилата, удри во приколката на камионот кој што се движел пред нив, при што страната на совозачот, каде што седел Тоше, заврши под приколката на камионот.
Тоше имаше само 26 години. Во својот краток живот остави ноти и зборови, но најмногу остави надеж дека она човечкото во нас не е изгубено и дека можеме да бидеме едно, само ако посакаме. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива