Струга, 6.февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Словачкиот амбасадор во Република Македонија, Мартин Безак денеска оствари работна посета на Општина Вевчани.
На средбата, како што информира градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски, присуствуваа и сопствениците на Словачката компанија „Татралифт“ која е заинтересирана да инвестира во изградба на ски-центар на планината Јабланица.
-Станува збор за прва официјална посета на словачкиот амбасадор Безак на општина Вевчани, а претставниците на компанијата „Татралифт“ доаѓаат вторпат во Вевчани. Се разговараше за досегашните активности и идните планови за развој на општина Вевчани. Особен акцент се стави врз развој на алтернативниот, планинскиот и зимскиот туризам во Вевчани.Се направи и презентација на физибилити студијата за изградба на ски центар на планината Јабланица, појаснува градоначалникот Угриноски.
Физибилити студијата за изградба на ски-центар на Јабланица ја изработи француска компанија од Гренобл.
-Владата на Република Македонија треба да даде зелено светло за мастер-планот, а потоа да започне и изградбата на скијачкиот центар. Неговата изградба ќе значи развој на зимскиот туризам не само во Вевчани, туку и во Охридско-струшки регион, појаснува вевчанскиот градоначалник.
Според најавите, скијачкиот центар на Јабланица ќе се гради во месноста Јанков Камен над Вевчани. Предвидена е изградба на скијачки лифт долг околу 3,5 километри, хотели и викенд населба. (Крај)
извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес